Пазарот на електрична енергија во првата половина од 2021 година забележа позитивни трендови и покрај пандемијата со ковид-19. По целосната либерализација, се зголеми бројот на потрошувачи кои самостојно избраа свој снабдувач со електрична енергија и поради ова имаше зголемен број на постапки за промена на снабдувач со електрична енергија, којшто во 2021 година е зголемен за 14% споредено со 2020 година. Исто така се зголеми и бројот на активни снабдувачи со електрична енергија, којшто во 2021 година изнесуваше 18 активни снабдувачи, што е за 4 повеќе отколку во 2020. Ова значи дека се зголемува конкуренцијата на пазарот на електрична енергија на мало и потрошувачите добиваат подобри понуди од страна на снабдувачите/трговците.
Во 2021 година продолжи зголемувањето на потрошувачката на електрична енергија на отворениот пазар, истата беше поголема од потрошувачката на електрична енергија на регулираниот пазар и изнесуваше 53,34 % од вкупната бруто-потрошувачка на електрична енергија.
Производители на електрична енергија - најразлични видови на електрични централи каде што одредено гориво или енергија (јаглен, природен гас, вода, сонце, ветер..) се претвора во електрична енергија која се продава во земјата и странство. Најголем домашен производител на електрична енергија е ЕСМ, а по него следат когенеративниот производител ТЕ-ТО, хидроцентралите на ЕВН Електрани и повеќе други помали производители на електрична енергија.
Повластени производители на електрична енергија - произведуваат електрична енергија од обновливи извори, која потоа по повластени цени (повисоки од пазарните) се откупува од Операторот на пазар. Оваа електрична енергија сразмерно се распределува на активните снабдувачи и преку нив се продава на крајните потрошувачи. Ова се прави со цел да се поттикне производство на т.н. чиста или зелена енергија.
Електропреносниот систем, со кој управува МЕПСО, е главниот крвоток на електроенергетскиот систем. Преку него се пренесува електричната енергија под висок напон од/до големите производители, како и од/до соседните системи (увоз/извоз) и се доставува до трансформаторски станици (ТС) кои ја трансформираат во електрична енергија со среден напон.
Операторот на електродистрибутивниот систем Електродистрибуција ја презема оваа енергија од операторот на пренос и преку системот за дистрибуција на електрична енергија, кој е разгранет на целата територија од државата, ја предава до крајните потрошувачи.
MEMO Операторот на пазар на електрична енергија се грижи за организацијата, ефикасното функционирање и развојот на пазарите со билатерални договори и балансна енергија и ги врши работите што се однесуваат на организираниот пазар на електрична енергија во државата.
Потрошувачите кои ги исполнуваат условите за самостојно учество на пазарот на електрична енергија, поседуваат договор за балансна одговорност со операторот на електропреносниот систем и се регистрирани како учесници на пазарот на електрична енергија. Овие потрошувачи, покрај од снабдувачи, може да купуваат електрична енергија и од трговци или производители на електрична енергија.
Трговците со електрична енергија се клучните субјекти преку кои се врши купопродажба на електрична енергија на пазарот на големо.
Снабдувачите со електрична енергија ги извршуваат истите купопродажни активности како и трговците, но за разлика од нив имаат дополнително право да ги снабдуваат и домаќинствата и малите потрошувачи, односно нивните продажни активности се насочени пред сé кон пазарот на мало со електрична енергија.