РЕГУЛАТОРНА КОМИСИЈА ЗА ЕНЕРГЕТИКА, ВОДНИ УСЛУГИ И УСЛУГИ ЗА УПРАВУВАЊЕ СО КОМУНАЛЕН ОТПАД НА РЕПУБЛИКА СЕВЕРНА МАКЕДОНИЈА
Контакт Newsletter
РЕМИТ
ЧПП

Често поставувани прашања (ЧПП) од учесници на пазарите кај Договорните страни

 

П1: Дали обврската за регистрација важи и за поврзаните друштва?

О1: Обврската за регистрација се однесува на секое физичко или правно лице, како и на оператори на системи за пренос и дистрибуција, кои се активни на пазарите на енергија на големо и работат со енергетски производи на пазарот на големо (што вклучува - но не е ограничена на - купување или продавање на електрична енергија и/или природен гас, или нивни деривативи, производствен капацитет, пренос и складирање на електрична енергија/природен гас, или нивни деривативи, во некоја од Договорните страни на Енергетската заедница), вклучувајќи ги и нивните поврзани друштва кои учествуваат на пазарите на големо со енергетски производи во Договорните страни.

 

П2: Дали треба да се регистрираме ако нашиот основач е веќе регистриран во земја членка на ЕУ?

О2: Доколку сте активен учесник на пазарот на големо со енергетски производи во некоја Договорна страна, вие сте должни да се регистрирате кај релевантното национално регулаторно тело од таа Договорна страна, дури и ако вашиот основач е веќе регистриран во земја членка на ЕУ.

 

П3: Доколку учесникот на пазарот е активен на пазарите на големо на енергија кај повеќе од една Договорна страна, и е веќе регистриран кај национално регулаторно тело од една Договорна страна, дали тој учесник на пазарот треба да се регистрира во секоја Договорна страна и да добие различен ECRB код во секоја Договорна страна каде што е активен?

О3: Пазарните учесници кои дејствуваат на пазарите на големо со енергетски производи во повеќе Договорни страни, обврзани се да се регистрираат во сите Договорни страни каде што се активни, при што националните регулаторни тела на Договорните страни ќе им доделат соодветен ECRB код.

 

П4: Дали има такса за регистрација?

О4: Нема такса за регистрација. Обврската за регистрација може да се исполни со доставување на пополнет и потпишан формулар за регистрација, кој е усогласен меѓу Договорните страни, до националното регулаторно тело на Договорната страна каде што пазарниот учесник е активен на пазарот на големо со енергија.

 

П5: Дали учесник на пазарот може да ги промени податоците од веќе поднесениот Образец за регистрација?

О5:  Учесникот на пазарот може да ги промени сите податоци од Регистарот на учесници на пазарите на големо на електрична енергија и природен гас, што ги има доставено преку Образецот за регистрација. Учесникот на пазарот е должен веднаш да му соопшти на националното регулаторно тело за секоја промена што се случила во однос на информациите дадени во Образецот за регистрација.

 

П6: Што се LEI и BIC кодови?

О6: Идентификаторот на правното лице (LEI: Legal Entity Identifier) е алфа-нумеричка шифра која се состои од 20 знаци и чија цел е да ги идентификува правно различните ентитети кои се вклучени во финансиски трансакции. LEI се издаваат од „Локални оперативни единици“ (LOUs) на Глобалниот LEI систем. BIC значи код за идентификација на банка. Тоа е код од 8 до 11 знаци што се користи за да се идентификува одредена банка кога се прави меѓународна трансакција.

 

П7: Дали операторите на дистрибутивни системи се обврзани да се регистрираат како учесници на пазарот?

О7: Да, обврската за регистрација се однесува на операторите на дистрибутивни системи, како и на операторите на преносни системи, како учесници на пазарот кои купуваат електрична енергија/природен гас за покривање на загубите во системот.

 

П8: Дали производителите кои имаат статус на повластени прозводители се обврзани да се регистрираат?

О8: Не, бидејќи однапред им се доделува дефинирана гарантирана цена и не учествуваат на пазарот на големо како другите производители.

Во случај повластениот производител да го раскине договорот со кој му е доделен статус на повластен производител и да стане учесник на пазарот на големо, тој има обврски според REMIT, како и другите производители во Договорните страни. Постои исклучок во Босна и Херцеговина и Северна Македонија, каде што доколку производителот влезе во група на некој виртуелен производител (субјекти кои ги агрегираат производните капацитети на различни дистрибуирани прозиводители од обновливи извори на енергија), во тој случај производителот нема обврска за регистрација по REMIT. Во Северна Македонија, исто така, производителите на електрична енергија од обновливи извори на енергија кај кои најголемата инсталирана моќност на некоја од производните постројки е помала од 5 MW или вкупната инсталирана моќност на сите постројки на производителот е помала од 10 MW немаат обврска да се регистрираат според REMIT.

 

П9: Дали пазарен учесник од една Договорна страна што продава електрична енергија на пазарен учесник од друга Договорна страна е должен да се регистрира кај националните регулаторните тела во двете Договорни страни?

О9: Учесниците на пазарот кои влегуваат во трансакции или изразуваат интерес да влезат во такви трансакции преку налози за тргување, ќе се регистрираат кај националното регулаторно тело во Договорната страна каде што се врши или ќе се изврши испораката на енергетските производи на пазарот на големо.

© 2024 РЕГУЛАТОРНА КОМИСИЈА ЗА ЕНЕРГЕТИКА, ВОДНИ УСЛУГИ И УСЛУГИ ЗА УПРАВУВАЊЕ СО КОМУНАЛЕН ОТПАД НА РЕПУБЛИКА СЕВЕРНА МАКЕДОНИЈА