РЕГУЛАТОРНА КОМИСИЈА ЗА ЕНЕРГЕТИКА И ВОДНИ УСЛУГИ НА РЕПУБЛИКА СЕВЕРНА МАКЕДОНИЈА
Контакт Newsletter
Сектор - Водни услуги
ВОДНИ УСЛУГИ

УТВРДУВАЊЕ НА ЦЕНИ НА ВОДНИТЕ УСЛУГИ

Со новиот Закон за утврдување на цени на водните услуги и измените во Законот за енергетика на Регулаторната комисија за енергетика и беше определена уште една надлежност и тоа во доменот на регулирање на цените на водните услуги, односно утврдување на тарифите за снабдувањето со сурова вода и вода за пиење, собирање и одведување на урбани отпадни води и пречистување на отпадни води.

Досега, овие тарифи односно цени се утврдувале од страна на Јавните комунални претпријатија и градоначалниците, а се одобрувале од страна на Советите на општините. Искуството покажало дека овој процес не секогаш бил ефикасен, односно многу често се случувало предлогот за висината на цените да не биде одобрен во потребниот временски рок, а воедно праксата покажала дека постојните тарифи не ги покриваат трошоците на давателите на услугите за води, особено оние трошоци поврзани со собирањето и третманот на отпадните води и не се применува начелото „загадувачот плаќа“.

Оттука, главната цел на оваа реформа е да се воспостави ефикасен систем на определување на цените на водните услуги и Регулаторната комисија за енергетика, како прво регулаторно тело со најголемо искуство во Република Северна Македонија, ќе го предводи тој процес.

За да се добие квалитетна услуга, неопходно е да се формираат цени кои ќе ги одразуваат оправданите трошоци на работењето на Јавните комунални претпријатија, со цел да се овозможи квалитетно и одржливо користење на водната инфраструктура, но истовремено особено е важно да се има во предвид водните услуги да бидат финансиски достапни до населението и во таа насока Регулаторната комисија за енергетика ќе работи со цел во разумно време да се добијат квалитетни услуги обезбедени со најниски можни трошоци.

Јавните комунални претпријатија како даватели на водни услуги претставуваат природни монополи и Регулаторната комисија за енергетика, како независна институција согласно Законот за енергетика, ќе биде коректив на нивното делување. Регулирањето на цените на водните услуги ќе им помогне на давателите на водните услуги подобро да ги планираат своите трошоци, да ја зголемат својата ефикасност и со соодветно насочување на инвестициите да се подобри квалитетот на нивните услуги.

Сето ова ќе биде од корист за сите, Јавните комунални претпријатија, населението и останатите корисници и секако ќе придонесе за поголема заштитата на животната средина.

Повеќе детали околу надлежностите и процедурите може да погледнете на следниот линк: Законот за утврдување на цени на воднитe услуги (Службен весник на РМ бр.7/2016).

ОПШТИ ПОДАТОЦИ ЗА ВОДНИОТ СЕКТОР

Водата е суштински природен ресурс за човековото постоење, потребен во секој природен и индустриски процес. Република Северна Македонија располага со задоволително количество на водни ресурси, но тие имаат нерамномерна распределба. На територијата на Република Северна Македонија постојат околу 35 реки, 53 природни и вештачки езера и таа е поделена на осум водостопански подрачја.

vodni_uslugi.png

Обезбедувањето на водните услуги во 2021 година во Република Северна Македонија го вршат 77 даватели на водни услуги, од кои седум вршат снабдување со сурова вода наменета за водоснабдување на населението, 67 водоснабдување, односно снабдување со вода за пиење, 57 собирање и одведување на урбани отпадни води и 19 прочистување на отпадни води.

​Покрај водните услуги, дел од јавните комунални претпријатија нудат и услуги за собирање и одведување отпад, услуги за зелените пазари, услуги за паркови и зеленило, одржување на гробишта и други јавни услуги.

© 2022 Регулаторна комисија за енергетикаи водни услуги на Република Северна Македонија