ЛИЦЕНЦИ
Прашања и одговори
- Која е потребната документација која се поднесува во постапката за издавање на лиценца?
Целокупната потребна документација за секоја енергетска дејност одделно е наведена во соодветниот Образец БЛ.
- Во колку примероци и во која форма се поднесува барањето и потребната документација?
Барањето и потребната документација се поднесуваат во оригинал или копија на оригиналот заверена на нотар и електронски во .pdf формат. Документ издаден во електронска форма потпишан со електронски потпис и доставен во електронска форма, се смета за оригинал.
- Документацијата што се поднесува во постапката колку не треба да биде постара од денот на поднесување на барањето?
Документацијата од Централен регистар на Република Северна Македонија, Управа за јавни приходи на Република Северна Македонија, Основен суд и Агенција за катастар на недвижности не треба да биде постара од 6 месеци од денот на поднесување на барањето, освен тековната состојба која не треба да биде постара од 15 дена од денот на поднесување на барањето.
Носител на лиценца за вршење на енергетска дејност, кој веќе има доставено до Регулаторната комисија за енергетика на Република Северна Македонија документација чие времетраење не е изминато, во постапката за менување на лиценца може да се повика на оваа документација.
- Колкаво е времетраењето на постапката за издавање на лиценца?
Ако поднесеното барање е потполно и се исполнети условите за издавање на лиценца, постапката трае најмногу 40 дена од денот на поднесување на барањето.
- Што ако при поднесување на барањето не се поднесе целокупната документација?
Ако се утврди дека поднесеното барање е непотполно и/или потребната документација не е доставена на начин пропишан со Правилникот за лиценци, Регулаторната комисија за енергетика и водни услуги на Република Северна Македонија во рок од 20 дена од денот на приемот на барањето, го известува барателот и му одредува дополнителен рок од 20 дена за доставување на документите, односно отстранување на утврдените недостатоци. Ако барателот не постапи по известувањето во дадениот рок, Регулаторната комисија за енергетика и водни услуги на Република Северна Македонија донесува решение за отфрлање на барањето.
- Колку е времетраењето на лиценцата за вршење на енергетска дејност, лиценцата за пробна работа или решението за упис во регистарот на странски трговци или снабдувачи со електрична енергија и природен гас?
Времетраењето на лиценцата и решението за упис во регистарот на странски трговци или снабдувачи со електрична енергија и природен гас го определува Регулаторната комисија за енергетика во согласност со роковите утврдени со Законот за енергетика, а во зависност од видот на енергетската дејност, видот и обемот на обврската за обезбедување јавна услуга, односно универзална услуга во вршењето на енергетската дејност, обемот на средствата потребни за извршување на енергетската дејност, времетраењето на правото за користење на соодветниот енергетски ресурс, како и од барањето доставено од вршителот на енергетска дејност.
Лиценца за пробна работа се издава со времетраење од девет месеци, со можност за нејзино продолжување под услови, на начин и постапка утврдени со членовите 16, 25 и 26 од Правилникот за лиценци.
Времетраењето на решението за упис во регистарот на странски трговци или снабдувачи со електрична енергија и природен гас не може да биде подолго од времетраењето на лиценцата или друг соодветен документ за вршење на енергетската дејност издадени на основачот на барателот.
Датумот на важење на лиценцата не може да биде подолго од датумот на важење на договорот за закуп или користење на основните средства преку кои се врши дејноста.