РЕГУЛАТОРНА КОМИСИЈА ЗА ЕНЕРГЕТИКА, ВОДНИ УСЛУГИ И УСЛУГИ ЗА УПРАВУВАЊЕ СО КОМУНАЛЕН ОТПАД НА РЕПУБЛИКА СЕВЕРНА МАКЕДОНИЈА
Контакт Newsletter
Сектор - Обновливи извори
OБНОВЛИВИ ИЗВОРИ

Портфолиото на производители на електрична енергија од обновливи извори на енергија во Република Северна Македонија го сочинуваат големи хидроелектроцентрали со инсталирана моќност над 10 MW, мали хидроелектроцентрали чија инсталирана моќност е помала од 10 MW, ветерни електроцентрали, фотонапонски електроцентрали, термоелектроцентрали на биогас и термоелектроцентрали на биомаса. Инсталираната моќност и производството на електроцентралите коишто користат обновливи извори на енергија се прикажани во табелата подолу и се поделени според технологијата: 

​Инсталирана моќност и производство на електрична енергија во 2021 година по технологија

​Инсталирана моќност и производство на електрична енергија од обновливи извори на енергија во 2021 година по технологија
Вид на електроцентрала Број на електрани Инсталирана моќност (MW) Учество (%) Производство (GWh) Учество (%)
Вкупно 352 2.117 100,00% 5.284 100,00%
ТЕЦ 5 1.034 48,85% 2.105 39,84%
ТЕ-ТО 3 287 13,58% 1.517 28,71%
Обновливи извори на енергија 344 795 37,57% 1.662 31,45%
ХЕЦ 10 587 73,76% 1.662 68,12%
ВЕЦ 1 36,8 4,63% 103 6,20%
Мали ХЕЦ 107 119 14,97% 321 19,34%
ФЕЦ 220 45 5,69% 51,46 3,10%
Биогас 3 7 0,88% 54 3,25%
Биомаса 1 1 0,08% 0 0,00%

Од 352 домашни производители на електрична енергија, 344 користат обновливи извори на енергија, од нив 202 користат повластена тарифа, седум користат премија, додека 135 електроцентрала не користи мерки за поддршка за производството на електрична енергија. 
Во 2021 година со работа започнаа 49 нови електроцентрали кои користат обновливи извори на енергија (една хидроелектроцентрала и 48 фотонапонски електроцентрали), додека на две електроцентрали им беше одземена лиценцата за производство на електрична енергија (една хидроелектроцентрала и една фотонапонска електроцентрала).
Целокупната електрична енергија произведена од ветерната електроцентрала ВЕЦ Богданци, и термоелектроцентралите на биогас се откупува од страна на операторот на пазарот на електрична енергија по повластени тарифи. Од вкупниот број на мали хидроелектроцентрали, 96 ја продаваат произведената електрична енергија по повластени тарифи, додека преостанатите 11 електроцентрали ја продаваат произведената електрична енергија на пазарот на електрична енергија. Имајќи предвид дека големите хидроелектроцентрали не го исполнуваат условот да имаат инсталирана моќност помала од 10 MW за стекнување на статус на повластен производител, тие целото свое производство го пласираат на пазарот на електрична енергија. За прв пат кај фотонапонските електроцентрали доминира бројот на електроцентрали коишто произведената електрична енергија ја продаваат на пазарот на електрична енергија. Имено, 101 фотонапонски електроцентрали користат повластена тарифа, додека преостанатите 121 фотонапонски електроцентрали произведената електрична енергија ја продаваат на пазарот на електрична енергија. 

И покрај фактот што 98% од вкупниот број електроцентрали за производство на електрична енергија користат обновливи извори на енергија или, изразено во апсолутни бројки, 344 од 352 електроцентрали користат обновливи извори на енергија, нивното процентуално учество во вкупната инсталирана моќност изнесува 38%. Учеството на обновливата енергија во вкупната произведена електрична енергија од домашни производители е уште помало и изнесува 31 %.
Учеството на повластените производители коишто користат повластени тарифи во вкупниот инсталиран капацитет од обновливи извори на енергија изнесува 19 %, додека во вкупниот инсталиран капацитет во Република Северна Македонија изнесува 7 %. Повластените производители коишто користат повластени тарифи учествуваат со приближно 8 % во произведената електрична енергија од домашни производители, додека во делот на производството од обновливите извори повластените производители учествуваат со 25 %.
Ако од портфолиото на обновливите извори на енергија се изземат големите хидроелектроцентрали, во 2021 година произведени се 514 GWh од обновливи извори на енергија, додека 406 GWh се произведени од повластени производители.

МЕРКИ ЗА ПОДДРШКА НА ОБНОВЛИВИ ИЗВОРИ НА ЕНЕРГИЈА           

Мерките за поддршка на производството на електрична енергија од обновливи извори на енергија имаат за цел да обезбедат поттикнување на инвестиции за оптимално искористување на расположливиот потенцијал на обновливите извори на енергија во Република Северна Македонија, постигнување на националните задолжителни цели за учество на обновливите извори на енергија во вкупната потрошувачка на енергија и задоволување на условите за заштита на животната средина и ублажување на климатските промени. Како мерки за поддршка на производството на електрична енергија од обновливи извори на енергија во нашата земја достапни се повластената тарифа и премијата.
Повластената тарифа, како мерка за поддршка на производството на електрична енергија од обновливи извори на енергија, е воведена во 2007 година, додека првите електроцентрали кои произведената електрична енергија ја продаваат по повластени тарифи започнуваат со работа во 2010 година. Со Законот за енергетика* од 2018 година, покрај повластената тарифа се воведува и премијата како мерка за поддршка. 
Премијата претставува дополнителен износ над цената која ја остварил повластениот производител со продажбата на произведената електрична енергија на пазарот на електрична енергија. Повластениот производител кој користи премија се избира преку тендерска постапка со аукција, која ја спроведува Министерството за економија. 

© 2024 РЕГУЛАТОРНА КОМИСИЈА ЗА ЕНЕРГЕТИКА, ВОДНИ УСЛУГИ И УСЛУГИ ЗА УПРАВУВАЊЕ СО КОМУНАЛЕН ОТПАД НА РЕПУБЛИКА СЕВЕРНА МАКЕДОНИЈА