Во 2012 година започна имплементацијата на проектот „Поддршка на Регулаторната комисија за енергетика за воведување на ЕУ законодавството за ефикасен пазар на енергија во Република Македонија“, кој е со времетраење од 3 години и финансиски е поддржан од Кралството Норвешка, а го спроведува норвешката консултантска куќа THEMA. Целта на овој проект е да се подобри регулаторната рамка за конкурентни, транспарентни и недискриминаторни пазари на енергија и во негови рамки се изработуваат и ревидираат неколку подзаконски акти од областа на електрична енергија и природен гас, односно правила за снабдување за електрична енергија и природен гас за снабдувач во краен случај, пазарни правила за природен гас, мрежни правила за пренос и дистрибуција на електрична енергија и природен гас, правила за следење на функционирањето на енергетските пазари и друго.
Во 2013 и 2014 година Регулаторната комисија за енергетика, со свои номинирани претставници, активно учествува на состаноците на работните групи формирани во рамки на ИПА проектот „Зајакнување на административните капацитети на Секторот за енергетика при Министерството за економија и Агенцијата за енергетика на Република Македонија“ за имплементација на Третиот пакет на законодавството на Европската унија за внатрешен пазар на енергија.
Во периодот од 2010 до 2011 година се спроведе Твининг проектот за институционално зајакнување на Регулаторната комисија за енергетика поддржан од Делегацијата на Европската комисија во Република Македонија. Твининг проектот беше имплементиран од страна на Австриската агенција за европска интерграција и Австриската регулаторна комисија за енергетика (E-Control), при што се обезбеди техничка помош и препораки за Регулаторната комисија за енергетика за имплементација на активностите и задачите дефинирани со Законот за енергетика и Договорот за основање на Енергетската заедница, како и подготовка на прирачници за иден развој на пазарот и критериуми за отворање на пазарот во согласност со барањата од Договорот за основање на Енергетската заедница.
Во периодот од 2009 до 2011 година Регулаторната комисија за енергетика беше корисник на ИПА Проектот за техничка помош обезбеден од страна на Делегацијата на Европската комисија во Република Македонија, со цел да се подобри реулаторната рамка за конкурентни, транспарентни и недискриминаторни пазари на енергија. За имплементација на Проектот за техничка помош на Регулаторната комисија за енергетика беше избрана холандската консултантска куќа КЕМА, а во рамки на проектот се дадоа насоки и препораки за Регулаторната комисија за енергетика за изготвување на подзаконските акти кои се однесуваат на модели на пазарот на електрична енергија и правила за пазар на електрична енергија, тарифни методологии и модели за цени за електрична енергија и природен гас, снабдувач во краен случај, ранливи потрошувачи, повластени тарифи за производство на електрична енергија од биомаса, отпад и геотермална енергија, оценка на внатрешната организација на Регулаторната комисија за енергетика и друго.
Проектот за развој на Регулаторна комисија за енергетика на Република Македонија започна да се спроведува веднаш по основањето на Регулаторната комисија за енергетика во 2004 година. Проектот беше финансиран од страна на Европската Унија преку Европската агенција за реконструкција, а за изведувач на консултантските работи беше избран конзорциумот Енерџиконсалтинг од Хајделберг, Република Германија и ИКРП Рокас и партнери од Атина, Република Грција. Во рамки на проектот беа изготвени следните документи: Детален дизајн за поставеноста и работата на Регулаторната комисија за енергетика на Македонија (РКЕ), Анализа на усогласеноста на македонското законодавство од областа на енергетиката со законодавството на ЕУ, Правила и процедури за регулирање на енергетскиот сектор, Нацрт - модели за лиценци и одобренија, Методологија за следење на придржувањето кон условите на лиценците, Методологија за регулирање на цените на енергијата и Предлог препораки за начинот на градење на професионалните капацитети на Регулаторната комисија (оперативни единици, кадровско екипирање, финансирање, инфраструктура, итн).
Во рамки на соработката со Американската агенција за меѓународен развој (USAID) и Националната асоцијација на енергетски регулатори од САД (NARUC), Регулаторната комисија за енергетика на Република Македонија оствари повеќе средби и состаноци во текот на 2004 и 2005 година и на тој начин, под покровителство на USAID и NARUC, Регулаторната комисија за енергетика оствари партнерство со Одборот за јавни услуги од Вермонт, САД, потоа соработка со Националното здружение на економски истражувачи (NERA) за тарифната методологија, како и соработка со компанијата за правни услуги Pierce Atwood LLP за начинот, условите и постапката за издавање на лиценци.