Согласно член 25 и член 25-а од Законот за енергетика* („Службен весник на РМ” бр.96/18 и „Службен весник на РСМ“ бр.96/19 и 236/22), Регулаторната комисија за енергетика и водни услуги на Република Северна Македонија (понатаму: Регулаторна комисија за енергетика) има надлежност да го следи функционирањето на пазарите на енергија со цел:
- да се обезбеди и зајакне ефикасноста, конкурентноста, интегритетот и транспарентноста на пазарите за енергија,
- да се откријат неправилности, нарушување на конкуренцијата и облици на нелојална конкуренција на пазарот, како и други активности на пазарите на енергија спротивни на законите, другите прописи и обврските утврдени во лиценците за вршење на енергетски дејности,
- открие и спречи тргување со енергетски производи на пазарот на големо засновано на внатрешни информации и манипулација на пазарите на големо со енергетски производи, вклучително и обид за манипулација на пазарите на големо со енергетски производи
Следењето на состојбите и функционирањето на пазарите или маркет мониторинг, како една од клучните функции на Регулаторната комисија за енергетика, освен во насока на обезбедување на ефикасни, конкурентни и транспарентни пазари на енергија во нашата земја, цели и кон обезбедување на сигурно снабдување со енергија и енергенси од вршителите на регулирани енергетски дејности и откривање на постапки и активности на носителите на лиценци за вршење на енергетски дејности кои не се во согласност со правните прописи и обврските утврдени во издадените лиценци.
Од постоењето на ефикасни, конкурентни и транспарентни пазари на енергија корист ќе имаат не само учесниците на пазарите на енергија, туку и потрошувачите преку поголем избор на услуги со подобар квалитет, а со пониски цени.
Истовремено, мониторингот на пазарите на енергија претставува алатка за согледување на влијанието на важечките правни прописи од различни области врз функционирањето на пазарите на енергија и овозможување на навремено информирање за потребата за донесување на нови или измена на постојните правни прописи.
Регулаторната комисија за енергетика врз основа на член 24 став (1) точка 1) алинеја 4 и член 25 став (3) од Законот за енергетика* („Службен весник на Република Македонија“ бр. 96/18 и „Службен весник на Република Северна Македонија“ бр. 96/19, 236/22), на 27 април 2023 година донесе нов Правилник за начинот и постапката за следење на функционирање на пазарите на енергија („Службен весник на РСМ“ бр. 98/23) (понатаму: Правилник), со кој го пропиша начинот и постапката за следење и вршење надзор над функционирањето на пазарите на енергија, како и начинот на евидентирање на учесниците на пазарите на енергија на големо, определување на лицата на кои им е забрането тргување засновано на внатрешни информации и исклучоците, начинот на објавување внатрешни информации, видот, содржината, формата, начинот и периодите на доставување и/или објавување на извештаите и податоците во Република Северна Македонија преку следење на активности на операторите на преносните и дистрибутивните системи, активностите на сите останати носители на лиценци за вршење на енергетски дејности и учесниците на пазарите на големо со електрична енергија и природен гас.
Па така, сите носители на лиценци за вршење на енергетски дејности имаат обврска да доставуваат до Регулаторната комисија за енергетика навремени и точни информации и податоци кои се потребни за мониторинг на пазарите на енергија на однапред пропишани типски обрасци и во периоди утврдени со Правилникот.
Горенаведените податоци и информации во најголем дел се прибираат преку веб платформата за Маркет Мониторинг, која претставува влезна точка на информацискиот систем за прибирање, обработка и анализа на податоци mm-central. Процесот на развој и надградба на овие софтверски алатки започна во 2016 година, а го води Секторот за мониторинг, истраги и прекршоци, со поддршка од Секторот за информатичка технологија и во соработка со Факултетот за електротехника и информациски технологии (ФЕИТ) од Скопје.
Освен податоците кои се прибираат преку веб платформата, Регулаторната комисија за енергетика има право да бара и дополнителни податоци и информации, согласно обврските пропишани во лиценците за вршење на енергетски дејности, а во насока на спроведување на ефикасен мониторинг на пазарите.
По прибирање на соодветните извештаи, податоци и информации од страна на носителите на лиценци за вршење на енергетски дејности, Регулаторната комисија за енергетика ги обработува и анализира истите, по што изготвува и објавува извештаи. Клучните наоди од следење на функционирањето на пазарите на енергија се објавуваат во Годишните извештаи за работењето на Регулаторната комисија за енергетика.
Преку објавување на што повеќе информации и податоци за пазарите на енергија ќе се поттикне разбирање и доверба помеѓу учесниците на пазарите на енергија и потрошувачите. Овие публикации ќе бидат во насока јавноста подобро да се запознае со тоа како функционираат пазарите на енергија, што треба да придонесе кон зголемување на конкурентноста, како и задоволување на потребите и подобрување на заштитата на потрошувачите.
РЕМИТ регулатива
Со Правилникот се отпочнува со имплементацијата на REMIT регулативата, која има за цел да го зајакне интегритетот и транспарентноста на пазарите на големо со електрична енергија и природен гас.
Носители на лиценци кои имаат дополнителни обврски по основ на РЕМИТ регулативата во нашата држава се учесниците на пазарите на енергија на големо со енергетски производи, во која категорија влегува секое лице што врши трансакции или дава налози за вршење трансакции на тие пазари, а особено:
- операторите на системите за пренос и дистрибуција на електрична енергија и природен гас,
- операторот на пазарот со електрична енергија при трансакции со електричната енергија произведена од обновливи извори од стана на повластени производители коишто користат повластена тарифа,
- трговците и снабдувачите со електрична енергија и природен гас,
- производителите на електрична енергија кои произведената електрична енергија ја продаваат на пазарот на големо,
- потрошувачите што имаат капацитет на потрошувачка на електрична енергија или природен гас, при целосна искористеност на сите нивни производствени капацитети, еднаква или поголема од 600 GWh за период од една календарска година,
- лицата кои во рамките на вршењето на својата дејност посредуваат во договарање на трансакции со енергетски производи на пазарите на големо.
Носителите на лиценци кои имаат дополнителни обврски по основ на REMIT регулативата, како и сите заинтересирани страни, тука ќе може да ги најдат соодветните REMIT Обрасци, потоа Упатството за објавување внатрешни информации, Процедуралниот акт и Упатството на Одборот на регулатори на Енергетската заедница за REMIT регулативата, Националниот регистар на учесници на пазарите на големо со електрична енергија и природен гас, како и Одговори на често поставувани прашања.
За било какви прашања поврзани со обврските и имплементацијата на REMIT регулативата, може да испратите е-порака на следната е-адреса: remit@erc.org.mk.
Активностите во овој домен се спроведуваат од страна на Секторот за мониторинг, истраги и прекршоци.