РЕГУЛАТОРНА КОМИСИЈА ЗА ЕНЕРГЕТИКА И ВОДНИ УСЛУГИ НА РЕПУБЛИКА СЕВЕРНА МАКЕДОНИЈА
AL
EN
ВОВЕД

Согласно член 25 од Законот за енергетика* („Службен весник на РМ” бр.96/18 и „Службен весник на РСМ“ бр.96/19), Регулаторната комисија за енергетика и водни услуги на Република Северна Македонија (понатаму: Регулаторна комисија за енергетика) има надлежност да го следи функционирањето на пазарите на енергија со цел:

  • да се зајакне ефикасноста, конкурентноста и транспарентноста на пазарите за енергија и
  • да се откријат неправилности, нарушување на конкуренцијата и облици на нелојална конкуренција на пазарот, како и други активности на пазарите на енергија спротивни на законите, другите прописи и обврските утврдени во лиценците за вршење на енергетски дејности.

Следењето на состојбите и функционирањето на пазарите или маркет мониторинг, како една од клучните функции на Регулаторната комисија за енергетика, освен во насока на обезбедување на ефикасни, конкурентни и транспарентни пазари на енергија во нашата земја, цели и кон обезбедување на сигурно снабдување со енергија и енергенси од вршителите на регулирани енергетски дејности и откривање на постапки и активности на носителите на лиценци за вршење на енергетски дејности кои не се во согласност со правните прописи и обврските утврдени во издадените лиценци.

Од постоењето на ефикасни, конкурентни и транспарентни пазари на енергија корист ќе имаат не само учесниците на пазарите на енергија, туку и потрошувачите преку поголем избор на услуги со подобар квалитет, а со пониски цени.

Истовремено, мониторингот на пазарите на енергија претставува алатка за согледување на влијанието на важечките правни прописи од различни области врз функционирањето на пазарите на енергија и овозможување на навремено информирање за потребата за донесување на нови или измена на постојните правни прописи. 

Регулаторната комисија за енергетика врз основа на член 25 став (3) од Законот за енергетика* во 2019 година донесе Правилник за начинот и постапката за следење на функционирање на пазарите на енергија („Службен весник на РСМ“ бр. 138/19), со кој го пропиша начинот и постапките за следење на функционирањето на пазарите на енергија односно мониторингот на пазарите преку следење на активности на операторите на преносните и дистрибутивните системи во нашата земја и активностите на сите останати носители на лиценци за вршење на енергетски дејности.

Па така, сите носители на лиценци за вршење на енергетски дејности имаат обврска да доставуваат до Регулаторната комисија за енергетика навремени и точни информации и податоци кои се потребни за мониторинг на пазарите на енергија на однапред пропишани типски обрасци и во периоди утврдени со Правилникот. 

Горенаведените податоци и информации во најголем дел се прибираат преку веб платформата за Маркет Мониторинг, која претставува влезна точка на информацискиот систем за прибирање, обработка и анализа на податоци mm-central. Процесот на развој и надградба на овие софтверски алатки започна во 2016 година, а го води Секторот за мониторинг, истраги и прекршоци, со поддршка од Секторот за информатичка технологија и во соработка со Факултетот за електротехника и информациски технологии (ФЕИТ) од Скопје.

Освен податоците кои се прибираат преку веб платформата, Регулаторната комисија за енергетика има право да бара и дополнителни податоци и информации, согласно обврските пропишани во лиценците за вршење на енергетски дејности, а во насока на спроведување на ефикасен мониторинг на пазарите.

По прибирање на соодветните извештаи, податоци и информации од страна на носителите на лиценци за вршење на енергетски дејности, Регулаторната комисија за енергетика ги обработува и анализира истите, по што изготвува и објавува извештаи. Клучните наоди од следење на функционирањето на пазарите на енергија се објавуваат во Годишните извештаи за работењето на Регулаторната комисија за енергетика.

Преку објавување на што повеќе информации и податоци за енергетските пазари ќе се поттикне разбирање и доверба помеѓу учесниците на пазарите на енергија и потрошувачите. Овие публикации ќе бидат во насока јавноста подобро да се запознае со тоа како функционираат пазарите на енергија, што треба да придонесе кон зголемување на конкурентноста, како и задоволување на потребите и подобрување на заштитата на потрошувачите.

Активностите во овој домен се спроведуваат од страна на Секторот за мониторинг, истраги и прекршоци.