Проекти

ИМПЛЕМЕНТИРАНИ ПРОЕКТИ ВО РЕГУЛАТОРНАТА КОМИСИЈА ЗА ЕНЕРГЕТИКА НА РЕПУБЛИКА МАКЕДОНИЈА

1. „Поддршка на Регулаторната комисија за енергија за воведување на ЕУ законодавството за ефикасен пазар на енергија во Република Македонија“ (декември 2011 година – декември 2014 година)

Во 2011 година Регулаторната комисија за енергија побара поддршка за обезбедување на проект „Поддршка на Регулаторната комисија за енергија за воведување на ЕУ законодавството за ефикасен пазар на енергија во Република Македонија“, при што истото беше поддржано од страна на Кралството Норвешка и се обезбедени средства од 950.000 евра. За имплементација на проектот е избрана Норвешката консултантска компанија THEMA. Регулаторната комисија за енергија обезбеди 200.000 евра, како и простории, канцелариска опрема и други услови потребни за секојдневното работење на ангажираните консултанти за времетраењето на проектот од 3 години. Во рамки на овој проект треба да се изработат и да се направи ревизија на правила за снабдување за електрична енергија и природен гас за снабдувач во краен случај, пазарни правила за природен гас, мрежни правила за пренос и дистрибуција на електрична енергија и природен гас, правила за следење на функционирањето на енергетските пазари и друго.

2. „Техничка помош на Регулаторната комисија за енергетика“ (септември 2009 година – јули 2011 година)

Овој проект беше финансиран од страна на Европската унија преку ИПА фондовите и беа обезбедени средства од 900.000 евра. За имплементација на Проектот за техничка помош на Регулаторната комисија за енергетика беше избрана Холандската консултантска куќа КЕМА. Овој проект официјално започна на 18 септември 2009 година. На 5 јули 2011 година се одржа Завршна конференција, во Инфо центарот на Делегацијата на Европската комисија, на која што учествуваа претставници на Делегацијата на Европската комисија, консултантите на КЕМА, претставници на Регулаторната комисија за енергетика и претставници на други институции и компании. На оваа завршна конференција се презентираа постигнатите резултати од овој проект и се обележи крајот на овој проект со одржување на последниот 8 –ти состанок на надзорниот комитет на кој учествуваа претставниците на РКЕ, претставниците на КЕМА и претставниците на Делегацијата на Европската Комисија. Во рамки на овој проект се дадоа насоки и препораки за Регулаторната комисија за енергетика за изготвување на подзаконските акти кои се однесуваат на модели на пазарот на електрична енергија и правила за пазар на електрична енергија, тарифни методологии и модели за цени за електрична енергија и природен гас, снабдувач во краен случај, ранливи потрошувачи, повластени тарифи за производство на електрична енергија од биомаса, отпад и геотермална енергија, оценка на внатрешната организација на Регулаторната комисија за енергетика и друго.

3. „Твининг проект за институционално зајакнување на Регулаторната комисија за енергетика“ (јануари 2010 година – април 2011 година)

Овој проект беше финансиран од страна на Европската унија преку ИПА фондовите и беа обезбедени средства од 600.000 евра. За имплементација на Твининг проектот за институционално зајакнување на Регулаторната комисија за енергетика беа избрани Австриската агенција за европска интерграција и Австриската регулаторна комисија за енергетика (E-Control). Овој проект официјално започна на 1 јануари 2010 година. Во текот на 2010 година и во 2011 година беа одржани повеќе состаноци помеѓу претставниците на Регулаторната комисија за енергетика и претставниците на E-control за лиценци, за формирање на база на податоци за мониторинг на пазарот на енергија, организацациона поставеност, како и за соработка со заинтересираните страни. Беа организирирани и работилници за третиот ЕУ пакет на енергетско законодавство, правила за промена на снадувач и интелегентни броила. За овој твининг проект беше изработена и посебна веб страна: www.e-twinning.at на која редовно се ажурираа документи, настани и се даваа мислења и забелешки во рамки на четирите компоненти. На 27 април 2011 година се одржа Завршна конференција, во Инфо центарот на Делегацијата на Европската комисија, на која што учествуваа претставници на Делегацијата на Европската комисија, претставници на Регулаторното тело на Австрија Е-контрол, претставници на Регулаторната комисија за енергетика и претставници на други институции. На оваа завршна конференција се презентираа постигнатите резултати од овој проект и се обележи крајот на твининг проектот со одржување на последниот 6 –ти состанок на надзорниот комитет на кој учествуваа претставниците на РКЕ, претставниците на Е-контрол и претставниците на Делегацијата на Европската Комисија.

4. Останати проекти

  • Проект за подготовка на методологија за цени на електрична енергија (2008 година), финансиран од Светска Банка, со вредност од 140.000 евра, имплементиран од Холандската консултантска куќа КЕМА.
  • Проект за подготовка на повластени тарифи за електрична енергија произведена од мали хидроелектроцентрали (2006 година), финансиран од Светска Банка, со вредност од 40.000 евра, имплементиран од Националното здружение на економски истражувачи (NERA Economic Consulting).
  • Проект за изработка на методи за формирање на цени на одделни видови енергија (2004 година) финансиран од Агенцијата за меѓународен развој на САД (USAID) и Националната асоцијација на енергетски регулатори од САД (NARUC), имплементиран од Националното здружение на економски истражувачи (NERA).
  • Проект за изготвување на правилата за издавање на лиценци (2004 година) финансиран од Агенцијата за меѓународен развој на САД (USAID) и Националната асоцијација на енергетски регулатори од САД (NARUC), имплементиран од консултантската компанија Pierce Atwood.
  • Програма за партнерство помеѓу Регулаторната комисија и Одборот за јавни услуги од Вермонт, САД (2004 година - 2006 година) која се оствари во рамките на соработката со Американската агенција за меѓународен развој (USAID) и Националната асоцијација на енергетски регулатори од САД (NARUC). Оваа Програма, во согласност со потпишаниот Меморандум за разбирање, се реализираше преку средби во Република Македонија и во Вермонт, САД, на кои се разменуваа искуства и знаења стекнати од страна на двете регулаторни тела во областа на работата и надлежностите на регулаторните тела и процесите на донесување на одлуки, односите помеѓу регулаторните тела со другите државни органи и здруженија на потрошувачите и медиумите, обезбедување на јавност и транспарентност  во работењето на регулаторните тела и достапност до информациите за јавноста, структурата и функционирањето на пазарот за енергија, утврдување на цени и тарифи, заштита на потрошувачите, квалитет на услугата и одговорности на енергетските претпријатија за обезбедување на јавни услуги.
  • Проект „Техничка помош за развој на Регулаторната комисија за енергетика на Република Македонија (јули 2003 година – август 2004 година), финансиран од Европската агенција за реконструкција во Македонија (EAR), имплементиран од правната фирма IKRP Rokas & Partners.