СОРАБОТКА СО ДРУГИ СТРАНСКИ РЕГУЛАТОРНИ ТЕЛА

Ве известуваме дека на првата седница на Одборот на Регулатори на Енергетската Заедница, одржана на 11 декември 2006 година во Атина, едногласно, со тајно гласање,  за Претседател на овој Одбор е избран Г-динот Славе Ивановски, Претседател на Регулаторната комисија за енергетика на Република Македонија.

Како што е познато, Енергетската заедница е формирана со Договорот за основање на Енергетска Заедница кој е потпишан на 25 октомври 2005 година од страна на земјите од Југоисточна Европа (Албанија, Бугарија, Босна и Херцеговина, Романија, Србија, Хрватска, Црна Гора, УНМИК - Косово и Република Македонија) и Европската Комисија.

Република Македонија го ратификуваше Договорот во мај 2006 година, а истиот стапи на сила на 1 јули 2006 година во сите земји потписнички.

Со Договорот за Енергетска Заедница се создава пазар на електрична енергија и природен гас во Југоисточна Европа и воедно се обезбедува стабилна регулаторна и пазарна рамка за привлекување на инвестиции во енергетскиот сектор во регионот и се обезбедува сигурно и доверливо снабдување со електрична енергија и природен гас, што е особено значајно за економскиот развој и социјалната стабилност во земјите на Југоисточна Европа. Исто така, на земјите потписнички (договорни страни) им се овозможува рамноправно учество на внатрешниот пазар на електрична енергија на ЕУ, вклучувајќи и пристап до фондовите на ЕУ и меѓународните финансиски институции за финанисирање на проекти од областа на енергетиката.

 Функционирањето на Енергетската Заедница се остварува во рамките на следните институции:

  • Министерски Совет;
  • Постојана група на високи претставници;
  • Одбор на Регулатори на Енергетската Заедница;
  • Сектретаријат;
  • Форум за електрична енергија и Форум за природен гас.
  • Одборот на Регулатори на Енергетската Заедница, на кој Претседател е Г-динот Славе Ивановски, ги има следните надлежности:
  • го советува Министерскиот Совет или Постојната група на високи претставници за деталите на статутарните, техничките и регулаторните правила;
  • дава препораки за прекугранични спорови на два или повеќе регулатори, на барање на било кој од нив;
  • презема мерки, ако за тоа е овластен од Министерскиот Совет;
  • донесува Процедурални акти;
  • и друго.
  • Одборот на Регулатори на Енергетската Заедница го сочинуваат по еден претставник од регулаторните тела за енергетика на секоја договорна страна. Во Одборот на Регулатори на Енергетската Заедница, исто така учествуваат и претставници од Европската Комисија, претставници на регулаторните тела на земјите од Европската Унија и еден претставник од Европската група на регулатори за електрична енергија и гас.

Претседателот на Одборот на Регулатори на Енергетската Заедница се избира од претседателите на регулаторните тела на договорните страни на Договорот за Енергетска Заедница, а потпретседател е Европската Комисија.

Состаноците на Одборот на Регулатори на Енергетската Заедница се одржуваат најмалку 4 пати годишно во Атина, Грција.

Првата седница на Одборот на Регулатори на Енергетската Заедница се одржа на 11 декември 2006 година во Атина, на која, како што беше погоре кажано, за прв Претседател е избран Г-динот Славе Ивановски, Претседател на Регулаторната комисија за енергетика на Република Македонија, со мандат од една година.