Eлектрична енергија / Пазар на електрична енергија

Пазарот на електрична енергија e систем за купување и продавање на електрична енергија врз основа на понудата и побарувачката, со примена на услови пропишани врз основа на Законот за енергетика. 

На регулираниот пазар на електрична енергија купопродажбата на електрична енергија и моќност се врши по цени и услови одобрени од Регулаторната комисија за енергетика. Договорите помеѓу учесниците на регулираниот дел од пазарот на електрична енергија се предмет на одобрување од страна на Регулаторната комисија за енергетика. 

Учесници на регулираниот пазар на електрична енергија се:

  • производителот на електрична енергија на кој во лиценцата му е утврдена обврска да обезбеди јавна услуга (АД ЕЛЕМ – Скопје);
  • повластените производители на електрична енергија;
  • снабдувач во краен случај со електрична енергија;
  • снабдувачот на електрична енергија за тарифни потрошувачи, заклучно со 31 декември 2014 година (ЕВН Македонија АД - Скопје);
  • операторот на електропреносниот систем за обезбедување на системски услуги, оперативна резерва и енергија за урамнотежување (АД МЕПСО – Скопје); и
  • операторот на пазарот на електричната енергија за купување и продавање на произведената електрична енергија од повластените производители на електрична енергија ( АД МЕПСО – Скопје).

На нерегулираниот пазар на електрична енергија купопродажбата на електрична енергија и моќност се врши по цени и услови кои се слободно договорени помеѓу  купувачот и продавачот, по сопствен избор, ризик и трошок.

Учесници на нерегулираниот пазар на електрична енергија може да бидат: 

  • производителот на електрична енергија на кој во лиценцата му е утврдена обврска за јавна услуга, во услови на продажба на вишоци на електрична енергија согласно правилата за продажба на вишоци;
  • производители на електрична енергија;
  • снабдувачи со електрична енергија;
  • трговци со електрична енергија;
  • операторот на електропреносниот систем во услови на набавка на електрична енергија за покривање на загубите во електропреносниот систем по пазарни услови на транспарентен, недискриминаторен и конкурентен начин;
  • операторот на електропреносниот систем во услови на набавка на системски услуги и соодветна оперативна резерва, по пазарни услови, на транспарентен, недискриминаторен и конкурентен начин (од 1 јануари 2015 година);
  • операторот на електродистрибутивниот систем во услови на набавка на електрична енергија за покривање на загубите во дистрибутивната мрежа по пазарни услови на транспарентен, недискриминаторен и конкурентен начин; и
  • квалификуваните потрошувачи на електрична енергија.

Во 2011 година квалификувани потрошувачи на електрична енергија се: ЦЕМЕНТАРНИЦА УСЈЕ АД – Скопје, ОКТА Рафинерија на нафта Акционерско друштво – Скопје, СКОПСКИ ЛЕГУРИ ДООЕЛ увоз-извоз Скопје, МАКСТИЛ АД – Скопје, ФЕНИ ИНДУСТРИ АД Кавадарци, Југохром Фероалојс ДОО Јегуновце, БУЧИМ ДООЕЛ Радовиш, АРЦЕЛОРМИТТАЛ СКОПЈЕ (ЦРМ) АД Скопје и АРЦЕЛОРМИТТАЛ СКОПЈЕ (ХРМ) АД Скопје.

Домаќинствата се тарифни потрошувачи на електрична енергија, кои своите потреби од електрична енергија ги обезбедуваат на пазарот на електрична енергија со регулирани билатерални договори, од снабдувачот на тарифни потрошувачи.

Систем за пренос на електрична енергија

Системот за пренос на електрична енергија (електропреносен систем) се состои од далеководи и трансформаторски станици, каде е вклучена и целокупната опрема во нив. Електропреносниот систем ги поврзува производствените капацитете на Република Македонија со електродистибутивниот систем и потрошувачите. Електропреносниот систем во Република Македонија припаѓа на компанијата АД МЕПСО Скопје, која е во државна сопственост.