ВОВЕД

Согласно член 22, став (1) од Законот за енергетика (“Службен весник на РМ” бр. 16/11, 136/11, 79/13, 164/13 , 41/14, 151/14 , 33/15 , 192/15, 215/15, 6/16, 53/16 и 189/16), Регулаторната комисија за енергетика на Република Македонија има надлежност да го следи функционирањето на енергетските пазари заради обезбедување на ефикасно, конкурентно и непречено функционирање на енергетските пазари и сигурно снабдување со енергија и енергенти. 

Мониторингот на енергетските пазари е една од клучните функции на Регулаторната комисија за енергетика со цел зголемување на ефикасноста, конкурентноста и транспарентноста на енергетските пазари, откривање на неправилностите и нарушување на конкуренцијата и нелојалната конкуренција на пазарот, како и на други активности поврзани со функционирањето на енергетските пазари.

Истовремено, со мониторингот на енергетските пазари се врши проценката на влијанието од постоечката регулатива врз функционирањето на енергетските пазари, како и навремено информирање за потребата за донесување на нови или измена на постојните легислативни акти.  

Регулаторната комисија за енергетика на Република Македонија, врз основа на член 23, став (5) од Законот за енергетика (“Службен весник на РМ” бр. 16/11, 136/11, 79/13, 164/13 , 41/14, 151/14 , 33/15 , 192/15, 215/15, 6/16, 53/16 и 189/16), донесе Правилник за следење на функционирањето на енергетските пазари (Службен весник на РМ бр. 207/16), со кој се пропишува начинот и постапките за следење на функционирањето на енергетските пазари.

Носителите на лиценци за вршење на енергетски дејности се обврзани да доставуваат до Регулаторната комисија за енергетика, информации и податоци соодветни за следење на функционирањето на енергетските пазари на начин и форма и според условите утврдени со Правилникот за следење на функционирањето на енергетските пазари. 

Регулаторната комисија за енергетика на Република Македонија, по прибирање на соодветните извештаи, податоци и информации од страна на носителите на лиценци за вршење на енергетски дејности, истите ќе ги обработува и анализира, а потоа ќе изготвува и објавува извештаи. Преку објавување на повеќе информации и податоци за енергетските пазари ќе поттикнеме разбирање и доверба помеѓу учесниците на енергетските пазари и потрошувачите.

Овие публикации ќе бидат во насока јавноста подобро да се запознае со тоа како функционираат енергетските пазари, што треба да придонесе кон зголемување на конкурентноста, како и задоволување на потребите и подобрување на заштитата на потрошувачите.

Активностите во овој домен се спроведуваат од страна на Секторот за мониторинг на енергетските пазари.