Основање

Една од најзначајните реформи коишто Република Македонија ги направи во енергетскиот сектор е основањето на Регулаторната комисија за енергетика. Регулаторната комисија за енергетика на Република Македонија е основана во 2002 година со Законот за изменување и дополнување на законот за енергетика Службен весник на Република Македонија бр. 94/02. Сепак, со вистинска работа, Регулаторната комисија започнува на 23 јули 2003 година со донесувањето на Одлука од страна на Собранието на Република Македонија за именување на претседател и членови на Регулаторната комисија. Во прилог на реформите во енергетскиот сектор, истата година се донесе и Законот за изменување и дополнување на законот за енергетика Службен весник на Република Македонија бр.38/03 и 40/05 со кој се зајакна положбата на Регулаторната комисија во енергетскиот сектор. Со донесувањето на овие закони, Република Македонија во целост ги исполни барањата на Директива бр.53/2003 на парламентот и советот на Европската унија од 26 Јули 2003 година за заедничките правила на внатрешниот пазар за електрична енергија, за основање на независно регулаторно тело кое ќе се грижи за:

  • сигурно, безбедно и квалитетно снабдување на потрошувачите со енергија,
  • заштита на животната средина и природата,
  • заштита на потрошувачите,
  • заштита и унапредување на положбата на вработените во енергетскиот сектор, и
  • воведување и заштита на конкурентен пазар на енергија врз начелата на објективност, транспарентност и недискриминираност.