Најчесто поставувани прашања
Име и презиме
E-mail
Прашање
Кои се надлежностите на Регулаторната комисија за енергетика од областа на топлинската енергија?

Основна функција на Регулаторната комисија за енергетика согласно Законот за енергетика се: да донесува подзаконски акти (правилници) со кои се уредува областа на топлинска енергија, носи цени за топлинска енергија и издава лиценци. Сите надлежности подетално се опишани во законот за енергетика. Подзаконски акти кои ги носи Регулаторната комисија за енергетика од областа на топлинска енергија се: Правила за снабдување со топлинска енергија, Тарифен систем за продажба на топлинска енергија, Правилник за начини и услови за регулирање на цени за топлинска енергија, Одобрување на Мрежни правила донесени од страна на операторите на дистрибутивните системи
Каква е постапката доколку имам недоволна испорака на топлинска енергија?

Снабдувачот со топлинска енергија во текот на грејната сезона е должен да обезбеди 20⁰C во просториите на потрошувачот. Доколку внатрешната температура е помала, потребно е потрошувачот истото да го пријави кај својот снабдувач со топлинска енергија за да се провери техничката фукционалност на системот. Исто така потрошувачот може да поднесе писмено барање за мерење на температура во неговите простории од страна на снабдувачот и доколку се константира помала температура од 20⁰C снабдувачот е должен да донесе решение за процентулано намалување на фактурата за топлинска енергија.
Од што зависи цената за топлинската енергија?

Цената за топлинска енергија основно зависи од цената на горивото кое се употребува за производство на топлинската енергија и кое достигнува и до 80% од вкупниот надоместок за топлинска енергија. Освен трошокот за гориво во цената на топлинската енергија се вклучени и трошоците за одржување, плата, инвестиции итн.
Не добивам никаква услуга за испорака на топлинска енергија, зошто да плаќам?

Најпрвин сакаме да потенцираме дека се работи за обврска која во суштина произлегува од колективното домување, како и од урбанистичките планови на градските средини со кои што се предвидува на кој начин ќе се врши затоплување на објектите. При проектирањето на објектите се предвидува начинот на загревање во самите објекти, врз основа на што се димензионира инсталацијата за греење но и електричната инсталација. Во објекти во кои што е предвидено да се загреваат преку централен систем за греење, електричната инсталација на објектот не е предвидена да ги задоволи потребите за греење во зимските месеци. Со појавата на поединечно исклучување на станбени единици во колективните објекти се нарушува термоенергетскиот биланс на објектите, се намалува ефикасноста на искористување на топлинската енергија и се нарушуваат енергетските системи во целина. Со плаќањето од страна на исклучените потрошувачи делумно се амортизира трошокот за греење на приклучените и се спречува спирала на исклучување во објектите, бидејќи колку повеќе се исклучуваат толку повеќе расте трошокот на приклучените, доколку сами го сносат трошокот на зградата за греење. Со ова се спречува ерозија на системот за централно греење како еден од основните столбови на урбаните средини и се задржува стабилноста во снабдувањето со топлинска но и снабдувањето електрична енергија. Дополнително се допринесува и кон еколошкиот аспект на живеењето имајќи во предвид дека во процесот на производството на топлина кај централното греење се користи еколошки чист енергент природен гас.
Компанијата за испорака на топлинска енергија ни ги зема парите, а не добивам никаква услуга!

Надоместокот кој што го плаќаат исклучените потрошувачи се распределува кон приклучените потрошувачи во објектот, а не кон компанијата. Гледано во целина објектот плаќа ист надомест и во случај кога плаќаат и кога не плаќаат исклучените потрошувачи, што значи дека не се генерираат нови средства за компанијата со тоа што исклучените потрошувачи плаќаат. Со плаќањето од страна на исклучените потрошувачи делумно се амортизира трошокот за греење на приклучените и се спречува спирала на исклучување во колективните објекти, бидејќи колку повеќе се исклучуваат толку повеќе расте трошокот на приклучените, доколку сами го сносат трошокот на зградата за греење. Доколку една зграда во целост се исклучи од топлификациониот систем и тогаш сите станари во објектот нема да плаќаат никаков надомест.
Низ мојот стан не поминуваат цевки, зошто да плаќам фиксен надоместок за топлинска енергија?

Исклучените потрошувачи се задолжуваат со фиксниот дел од надоместокот за топлинска енергија за објектот, а не за испорачана топлинска енергија на објектот, односно за трошокот за одржување на топлификациониот систем и можноста во секој момент да се приклучат кон системот доколку имаат потреба од тоа, за што е потребно да се обезбеди и одржува соодветен капацитет. Поради ова нема причина да се навлегува во дополнителна градација и квантифицирање на надоместокот кој што го плаќаат исклучените потрошувачи бидејќи истиот не е во функција на енергијата. Потреба од вакво доспецифицирање на надоместокот, би имало доколку освен со фиксниот дел, исклучените потрошувачи би се задолжувале и со варијабилниот дел од надоместокот, односно надоместок за преземена топлинска енергија.
Никаде не постои вакво нешто, да се плаќа за нешто што не се користи!

Регулаторната комисија за енергетика во континуитет ги следи случувањата во регионот и пошироко при што сакаме да потенцираме дека ваква мерка постои во сите држави во регионот, а во западните држави е уште построго без никаква можност за исклучување. Во најблиското опкружување состојбата е следна: Во Бугарија во Софија потрошувачите имаат можност да се исклучат но плаќаат фиксен надоместок, во Република Србија секој град поединечно ја уредува оваа проблематика но во голем дел од градовите исклучувањето е условено со согласност од соседите, и се плаќа дел од надоместокот за топлинската енергија. Во Хрватска исклучувањето е условено со согласност од соседите и се плаќа фиксен надоместок. Во БиХ во Тузла исклучувањето не е дозволено. Во Словенија исклучувањето е условено со согласност од соседите, се плаќа фиксен надоместок како и надоместок за дел од испорачаната топлинска енергија.
Мора да имам право на избор, на што ќе се греам!

Со тоа што е дозволено исклучувањето, исклучените потрошувачи имаат право на избор. Единствено останува обврската да плаќаат дел од надоместокот за топлинска енергија согласно горенаведените причини. Во голем број на држави правото на исклучување не е безусловно, односно или е забрането или пак со согласност од останатите станари во објектот.